Кои сме ние?

На кратко – ние сме вашите соседи.

Граѓанската иницијатива „Ние сме Карпош 4“ се создаде спонтано, а екпресно брзо, како иницијатива на жителите за спас на зеленилото во урбана заедница Карпош 4. Таа започна како реакција на нетранспарентна постапка на Општината за носење на Детален Урбанистички План, објавена среде лето, во време на празници и годишни одмори, а со цел да биде забележена од што помал број на граѓани.
Иницијативата започна во август 2015 год. со превирање на социјални медиуми, следено од редовни собири и активизам на изреволтирани граѓани во дворот на основното училиште Петар Поп Арсов.

Каква беше заканата за населбата?
Во мала компактна плански изградена населба, која веќе надминува двојно потребен број на жители, Се предлагаа 4 главни промени:

  1. Изградба на 3 нови деловни објекти
  2. Изградба на 3 нови станбени објекти
  3. Изграба на 11 нови надземни паркинзи
  4. Изграба на 8 нови подземни паркинзи

Општината постојано менуваше соопштенија. Небулозата беше толку голема, за во еден момент да информираат дека впишаните паркинзи се фиктивни, што би било нон-сенс ако веќе се презентира официјален документ.
Поднесовме поединечни петиции од куќни совети, како и заедничко БАРАЊЕ ЗА СВИКУВАЊЕ СОБИР НА ГРАЃАНИ против предлог измените на ДУП до општината кој содржеше потписи на повеќе од 32% од гласачкото тело на Карпош 4 и тоа го направивме во екот на летните одмори. Барањето за Собир беше одбиено. Поднесовме пријави до Инспекторат за локална самоуправа, како и Државниот управен инспекторат.
Следуваше уште едно собирање на потписи, овојпат од целата општина, а во Државна Изборна Комисија, каде поради законската регулатива која пропишува собирање потписи од сите жители на општината дури и за прашање кое тангира само една населба, сепак не успеавме да го добиеме доволниот број.

И покрај сѐ не застанавме и оформивме браник од волонтери, граѓани на Карпош кои  деноноќно ја следат работата на локалната самоуправа, сѐ со цел да се заштитат еколошките стандарди во населбата и квалитетот на урбаното живеење за нас и нашите деца.

Целиот историјат на почетоците, хронолошки, од призма на правната регулатива можете да го погледнете на следниот линк:

Хронолошки приказ на почетоците на нашата иницијатива