Средствата за нов плоштад да се пренаменат за оштетените од поплавите

Јавен повик до општина Карпош, да ги пренаменат средствата предвидени за новиот плоштад во населбата Карпош 4 предвиден на површина од 2.900 м2, во вредност од 18,8 милиони, кон настраданите од катастрофалните поплави во општините Гази Баба и Илинден.

  1. Ние жителите на Карпош 4, ги повикуваме градоначалникот и останатите општински власти, во име на големината на оваа општина, како во својата територија, така и во хуманоста на нејзините жители, да ги пренаменат средствата предвидени за оплеменување на овој простор во населбата Карпош 4 кон настраданите од катастрофалните поплави во општините Гази Баба и Илинден.

    При тоа сме свесни дека голем дел од граѓаните на Капрош, иако сакаат да помогнат преку донации или со директна вклученост, сепак не се во можност истото да го направат од различни причини. Но истовремено тие граѓани располагаат со свои средства, а тоа се парите од нивните даночни обврски од кои дел се слеваат во општинската каса.

    Затоа го повикуваме градоначлникот г.Стевче Јакимовски, како и целокупниот општински совет да ги пренаменат средствата или да го преиначат постоечкиот договор со изведувачот кон оние на кои помошта им е сега најпотребна.

    Ние како жители на Карпош 4, ќе се задоволиме и со обична табла на која пишува дека децата од Карпош 4 се откажале од ново игралиште во име на хуманоста. Нашите деца се свесни дека многу нивни другарчиња и врсници веќе немаат топол и сув дом, а преку ваквата несебичност ќе научат и ќе дадат пример за тоа што значи да се биде вистински хуман.

    Поминаа 5 дена од катастрофалната поплава. Ги повикуваме општинските власти итно да свикаат седница на советот, на која ќе биде разгледан нашиот предлог за кој ние сме спремни да собираме и доставиме потписи, но истовремено веруваме во здравиот разум и добрите намери на луѓето кои раководат со општината и се надеваме дека за тоа навистина ќе нема потреба.

  2. Дополнително, доколку општината тоа сеуште го нема направено, ја повикуваме веднаш да ја отстапи сета расположлива механизација и да ја стави во владение на град Скопје и Центарот со Управување на Кризи, како истата би се упатила да помогне во загрозените подрачја. Граѓаните на Карпош се познати по својата хуманост и знаат да направат приоритети кога тоа е потребно. Сега е време да се подаде рака на оние кои изгубиле буквално сѐ.
  3. Исто така ја охрабруваме општината да ги потсети сите компании со кои соработува и кои изведувале работи на нашата територија дека во овие моменти е најбитно да се покаже општествена одговорност и дека исклучително важно да се помогне на граѓаните од загрозеното подрачје. Бараме општината преку допис и јавен повик, да ги замоли и тие да позајмат дел од својата механизација и дел од својот кадар на ЦУК, со што би помогнале побрзо да се санираат последиците од оваа елементарна непогода.

poplava-makedonija

%d bloggers like this: